Француското претседателство ја поздрави подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да разговара со претседателот Емануел Макрон, наведувајќи дека форматот под кој ќе се изврши таквиот разговор ќе биде утврден во наредните денови.

– Добредојдено е тоа што Кремљ јавно се согласи со овој пристап. Ќе одлучиме во наредните денови како е најдобро понатаму да се постапи, соопшти Елисејската палата откако портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин изразил подготвеност да ги обнови контактите со својот француски колега, пренесува денеска францускиот портал „Франс 24“.

Песков рече дека секој дијалог меѓу двајцата лидери треба да биде обид да се разберат меѓусебните ставови, а не да се вежбаат предавања, пренесува Риа новости.

– Штом изгледите за примирје и мировни преговори станат појасни, повторно станува корисно да се разговара со Путин, соопшти денеска кабинетот на Макрон.