Расте тензијата на Блискиот исток
Израелската војска ги прошири нападите врз милитантните групи поддржани од Иран. На повидок копнена офанзива во Либан. Интензивирани се воздушните напади врз упориштата на Хезболах во јужен Бејрут и на други места. Тројца лидери на Хамас во Либан се ликвидирани во израелски напад, објави палестинската милитантна група. Гранатиран и јеменскиот пристаништен град Ходеида, кој е под контрола на бунтовниците Хути, сојузници на Техеран. Продолжува битката и во Газа.
„Немаме интерес да ја прошириме војната, немаме интерес да бараме дополнителни фронтови, но ако некој го нападне Израел, како што неодамна направија Хутите со проектили, секој што ќе изврши таков напад ќе ја расчистиме сметката со нив и знаеме како да го направиме тоа“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Војната се шири во Либан и Јемен
Израелската војска ја прошири офанзивата во Либан и во Јемен. Интензивирани се воздушните напади врз упориштата на Хезболах и јеменските Хути.
Повици за прекин на огнот
Растат повиците за прекин на огнот. Од Белата куќа велат дека израелските воздушни напади во Либан ја збришале командната структура на Хезболах, но предупредуваат дека е можен одговор. Претседателот Бајден изјави дека ќе разговара со израелскиот премиер и верува дека мора да се избегне сеопфатна војна на Блискиот Исток.
„Мораме да бидеме подготвени за некаков одговор. Мораме да се увериме дека сме подготвени. Веруваме дека ја имаме потребната сила во регионот, но во моментов не е јасно. Прерано е да се знае“, изјави Џон Кирби, Совет за национална безбедност на Белата куќа.
Нетанјаху со промена: Од опозиционер до член на кабинет
Во меѓувреме, израелскиот премиер Нетанјаху го назначи поранешниот ривал, Гидеон Сар, за член на неговиот кабинет во телото кое го надгледува управувањето со тековната војна меѓу Израел и Хамас.
„Промената на рамнотежата на силите носи со себе можност за создавање нови сојузи во нашиот регион, поради едноставна причина, затоа што победуваме. Нашите непријатели и нашите пријатели се враќаат за да го видат Израел каков што навистина е, силна земја, решителна земја, моќна земја“, нагласи Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Сар се огласи по назначувањето.
„Во овој момент важно е да се зајакне Израел, неговата влада и неговото единство и кохерентност. Затоа, се согласив со барањето на премиерот Нетанјаху да се приклучам на владата и да придонесам во нејзината работа во центрите за одлучување со моето искуство и способности“, рече Гидеон Сар, водач на Партијата Нова надеж.
Војната на Блискиот Исток се разгоре на 7-ми октомври лани, откако Хамас изврши напади на југот на Израел, при што загинаа над илјада цивили, а десетици беа земени како заложници.