Кошаркарскиот состав на МЗТ Скопје Аеродром стигна до нов пехар во своите клупски витрини откако во неизвесен натпревар славеше против МКК Куманово со резултат 70:68. Финалната пресметка од Суперкупот „Драган Василов – Цевка“ се одигра во спортската сала во Куманово, каде гостите успеаја да ја задржат предноста во самите секунди од мечот.

Избраниците на тренерот Васко Атанасов имаа целосна контрола во текот на последната четвртина, кога стигнаа до убедливи 64:51, а на три минути пред истекот на времето водеа и со 68:58. Сепак, домашниот тим направи фуриозна завршна серија и ја намали негативата на само два поени разлика. Во последниот напад кумановци не успеаја да упатат прецизен удар кон кошот, со што победата замина кај актуелниот шампион.

Ова е вкупно деветти триумф за клубот од Аеродром во ова натпреварување, што претставува силен ветар во грб пред предизвиците на домашната сцена, но и на меѓународен план во АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.

Прв стрелец во редовите на победничката екипа беше Ноа Фарахан со постигнати 20 поени. Капитенот Војдан Стојановски додаде 16 поени надополнети со седум скока, додека Лука Стојановски го заврши дуелот со 11 коша. Кај поразениот домашен состав најефикасен поединец беше Стајиќ, кој реализираше 16 поени.

Интересно е што истите две екипи ќе ги одмерат силите повторно на стартот од новата сезона во домашната Суперлига. Овој првенствен натпревар е закажан за в петок, на 2 октомври, во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.