Амар Мециновиќ пратеник и портпарол на Левица, денеска во изјава за медиумите објасни зошто прифатиле да учествуваат на настан организиран од платформа сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, откако неговата партија позитивно одговори на поканата од „Платформата 12:05“.
Од Левица велат дека учествуваат со своја позиција „во разговорот за следната политичка фаза“. За нив, ова е дел од разговорите коишто Левица ги води и ќе продолжи да ги води со различни опозициски и општествени чинители, од позиција на сопствен политички интегритет и стекнат легитимитет.
„Левица денес е консолидирана парламентарна сила со сопствен политички капацитет, јасно препознатлив левичарски идентитет и носител на опозицискиот простор. Оттука, нашите позиции неминовно се дел од секоја расправа за тоа како треба да изгледа следната политичка фаза во државата. Во услови кога досегашниот модел очигледно ги покажа своите слабости, Левица влегува во ваквите разговори со тежина стекната преку сопствено политичко дејствување, опозициска активност и континуирано присуство во јавните конфликти со власта. Дебатите за идниот политички правец на Македонија неминовно ја вклучува и позицијата што Левица ја застапува“,соопшти партијата.
Левица се декларира како Марксистичка партија, а луѓето од иницијативата 12:05 многумина ги поврзуваат со поранешниот Претседател на Македонија и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. Од овде, Радио Лидер на овој сојуз му го дава името Марксисти Бранковисти.
Од демократската платформа сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, на брифинг во четвртокот рекоа дека тие нема да бидат нова политичка партија ниту, пак, ќе поднесуваат независни листи на парламентарните избори.
Гордан Георгиев, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев и Емилијан Станковиќ, како претставници на демократската платформа, порачаа дека кај граѓаните постои опозициско расположение, а дека целта на платформата е да почеток во разговорите за окрупнување на опозицискиот фронт, со цел победа над актуелната власт.
СДСМ ги обвинува членовите на платформата дека се медиумски спонзорирани од портали и новинари блиски до премиерот Христијан Мицкоски, додека Венко Филипче посочи дека тие со пуч сакаат да ја преземат партијата.
