САД уште еднаш укажаа дека целосно го подржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ, и сакаат земјата да стане полноправна членка на Унијата што побргу, но ги следат многу внимателно и постапките на Косово и Србија за имплементација на договореното во Охрид, и ќе продолжат со активна подршка за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, истакна специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
На денешниот брифинг за новинарите по повод успешната средба и договорот постигнат во Охрид, Ескобар изјави дека сите земји од регионот заслужуваат забрзан влез во ЕУ, но дека тоа нема да биде можно без регионално помирување и меѓусебно признавање.
Тој укажа дека и покрај тоа што во Охрид не се потпиша ништо, договор постои и тој ќе се третира целосно сериозно и е правно издржан.
-Ова е законска обврска договорена како од Србија така и од Косово. И Европоската Унија потврди дека има договор, а тоа го потврдија и двајцата лидери. И навистина е не е потребно да се фокусираме на потписите, договорот е тука и ќе продолжиме напред, изјави Ескобар.
Тој рече дека земјите од регионот се европски, нивната култура и историја се европски и укажа дека со „напорите на Македонија да биде домаќин и учесник во меѓународна мировна конференција која заврши успешно, регионот може да влијае позитивно на сопствената стабилност и безбедност, а со тоа и пошироко на европската безбедност“.
– Мојата порака до Европската Унија е дека Западен Балкан е област на можности, не област на ризик, рече Ескобар.
Тој одговори потврдно на прашање од новинар дали Србија и Косово треба да го гледаат како успешен пример договорот од Преспа склучен меѓу Македонија и Грција. Рече дека тоа е „најуспешниот модел за меѓуетничка хармонија во регионот“.
-Во случајот со Србија и Косово, се надеваме дека тие ќе ги следат односите меѓу Грција и Македонија како добар пример. Всушност, имаше многу симболизам во Македонија, земја која има добри односи како со Србија така и сo Косово… (Договорот од Преспа) е најуспешниот модел за меѓуетничка хармонија во регионот и имаше бројни причини зошто Охрид беше избран… И мило ми е што се постигна успех и што средбата се случи таму, изјави Ескобар.
САД, посочи Ескобар, знаат дека Русија со употреба на медиумска дезинформација и онлајн активности е вклучена во опозицијата на овој план за нормализација на односите, но и во попречувањето на евроатлантската интеграција на сите земји од регионот.
-Постои огромна количина на руско злонамерно влијание во овој процес, смета Ескопар. Укажа дека во регионот постојат поединци и групи кои го подржуваат рускиот наратив, но, како што наведе, „овој проблем е локален за кој треба локални решенија и е долготраен, а Русија се обидува да создаде проблеми внатре во постоечките проблеми, да става препреки на евроатланстката интеграција на регионот“.
-Но реално, проблемите остануваат и се проблеми на регионот и треба да бидат решени преку она што треба да се случи, а тоа е регионално помирување. Можам да кажам дека за време на преговорите во текот на денот, Русија ниту беше спомената ниту беше присутна, и ако таа испрати некакви пораки преку викендот тие не беа ефектиивни. Имаше успешна завршница и поставивме мошне успешна насока за регионално помирување. И сметам дека тоа е позитивно, рече Ескобар.
САД се надеваат дека Косово, кое е дел од европската семејство, ќе биде признато од сите останати земји од Европа, вклучително и петте кои се уште не го признале (Грција, Кипар, Шпанија, Словачка и Романија)