Државните електрани се бранат од извештајот на Државната ревизија. Од ЕСМ за Алсат велат дека тоа е прв ревизорски извештај по 2007 година, а наводите во него биле за проекти кои се протегаат со години наназад. Имало и проекти од поделбата на старото ЕСМ кога со компанијата раководеле други менаџери.

„Станува збор за кумулирани работи во подолг временски период и комплексни проекти со правни и економски импликации и со технички пречки кои го отежнуваат и забавуваат нивото реализирање и завршување. Истите, како отворени проекти се јавуваат во сите годишни извештаи за работењето на АД ЕСМ…“, наведуваат од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

Ревизијата за работата на државните електрани откри низа неправилности при работењето, а како одговорно лице е наведено актуелниот директор, Васко Ковачевски. За 9 години ЕСМ залудно потрошила над 40 милиони евра за проекти кои не функционираат и околу 11 милиони за адвокатски услуги. Алсат праша и во Владата што ќе преземат како институција по чиј предлог Ковачевски стана директор на ЕСМ.

„Откако извештајот ќе дојде во владина процедура, ќе биде разгледан на седница. Во зависност од препораките во извештајот, Владата соодветно ќе постапи…“, наведуваат од Владата.

ЕСМ најмногу пари дало за наводна модернизација на првиот Блок во РЕК Битола. За тоа биле платени 21 милион евра, а од 2011 година досега немало ништо од модернизацијата. ЕСМ инвестирала 21,5 милиони евра и во проекти кои не се завршени и во опрема која не се употребува. Како такви проекти се наведени хидроцентралите Бошков Мост и Луково Поле кои се запрени, потоа изградбата на новата управна зграда на ЕСМ, како и реконструкција и доградба на фасадата на старата зграда. Ревизијата утврди и дека има неусогласување околу количината меѓу мазутот евидентиран во сметководство и прикажаниот во пописните листи, што е разлика која надминува милион евра.