Ваквата одлука, донесена денеска, а која ќе стапи на сила утре, како што соопштија од Комисијата, овозможува прифаќање на ковид-сертификатите издадени од трети земји а се според стандардите на Унијата. Македонскиот вакцинален сертификат ги исполнува овие услови, изработен е според европски стандард и на усогласувањето Министерството за здравство работеше уште од мај-јуни годинава.
Што се однесува до Македонија, Европската комисија потврдува дека вакциналниот сертификат, тестот и сертификатот за прележан ковид-19 ги содржи неопходните податоци, а македонската страна ја информирала Комисијата дека издава сертификати за вакцините „Ваксзервиа“ (Астразенека), „Комирнати“ (Фајзер), Спутник В, Синофарм и Синовак.
Сепак, кога се работи за Спутник в, на пример, која не е признаена од ЕМА и од СЗО, оставено е на земјите членки на ЕУ одделно да носат одлука дали ќе ги признаваат.
Инаку, за да стане целосно оперативна денешната одлука на Европската комисија, како што стои во соопштението, „Северна Македонија треба да се поврзе со ЕУ дигиталниот ковид сертификат“.