Два милиони евра хуманитарна помош ќе бидат издвоени за населението погодено од катастрофалните поплави во Непал, во кои загинаа повеќе од 500 луѓе. Средствата ги обезбеди Европската Унија за покривање на најитните потреби на погодените заедници.

– Гледаме патишта однесени од вода. Села отсечени од светот. Семејства кои бараат исчезнатите. Поплавите во Непал ги потресоа заедниците кои сè уште закрепнуваа од минатите катастрофи, изјави комесарката на ЕУ за управување со кризи, Хаџа Лабиб.

Според неа, финансиската помош ќе биде искористена за обезбедување итна здравствена заштита, храна, засолништа и вода за населението погодено од поплавите.

Во меѓувреме, Европската комисија соопшти дека партнерските организации кои се финансирани од ЕУ веќе обезбедуваат помош на терен и работат на одговор на последиците од катастрофата.