Најмалку 547 лица ги загубија животите во катастрофалните поплави и лизгања на земјиштето што ги погодија Непал и Тибет. Повеќе од 1.400 лица сè уште се водат како исчезнати, меѓу кои има и стотици странски државјани, пренесуваат агенциите, повикувајќи се на непалските и кинеските власти.

Претходно непалската полиција соопшти дека како исчезнати се водат 2.381 лице, додека досега биле спасени 1.545 лица, објави АНСА.

Во Тибет, спасувачките екипи во неделата стигнале до главната област погодена од катастрофалното лизгање на земјиштето, објавија кинеските државни медиуми.

И покрај пристигнувањето на спасувачите, потрагата по стотици исчезнати лица продолжува во исклучително тешки и опасни услови.

„Шест члена на тимот за брза реакција од Тибетскиот противпожарен корпус и 15 члена и куче од тимот за брза реакција од Сечуанскиот противпожарен корпус пристигнаа во пограничната област“, објави кинеската државна новинска агенција.

Според агенцијата, станува збор за првите професионални спасувачки екипи кои пристигнале до главната област погодена од катастрофата.