Европската комесарка за здравство, Стела Киријакидес, денеска на седницата на Европскиот парламент изјави дека со измените на фармацевтскиот закон во ЕУ ќе биде предвидена набавка на поголемо количество лекови и порано известување за недостиг.
„Нашата цел останува да обезбедиме пристап до лекови за сите пациенти на кои им се потребни, како и да избегнеме какво било нарушување на пазарот на лекови во ЕУ“, рече Киријакидес, алудирајќи на недостигот на антибиотици што е се поголем проблем за многу европски земји.
„Раниот пораст на респираторните инфекции во Европа оваа зима и недоволниот капацитет се главните причини за недостигот“, рече Киријакидес, додавајќи дека ЕУ ги применува сите регулаторни опции за да го зголеми производството на лекови и да го ублажи недостигот.
Таа додаде дека предлогот за ревизија на законот за фармација е планиран за март.
Во 26 европски земји е забележан недостиг на антибиотици, соопшти Европската агенција за лекови.