ЕУ си игра со довербата на Македонија, време е Унијата да покаже чесност и почит
Словачкиот претседател Петер Пелегрини од Вила Водно испрати силна порака до Брисел: ЕУ си игра со довербата на Македонија и ризикува да ја изгуби.
На заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, тој порача дека Словачка останува цврст поддржувач на македонските евроинтеграции.
„Словачка е голем поддржувач на евроинтеграциите на вашата земја и целосно ќе го поддржи пристапувањето, затоа што тоа е вистинската перспектива и вистинскиот начин на којшто ќе се напредува. Но ЕУ не може само да си игра со довербата на оваа земја затоа што доаѓа момент кога луѓето едноставно ќе престанат да и веруваат,“ изјави Пелегрини.
Тој остро ја критикуваше Унијата дека постојано поставува нови услови кон земјава и дека со тоа „ја губи динамиката на проширување“.
„Интеграцијата на вашата земја во ЕУ не треба да се злоупотребува со политички спорови. Тоа е речиси еден вид уцена. Пристапниот процес треба да се заснова само на исполнување на критериумите,“ порача словачкиот претседател.
Пелегрини потсети дека Македонија веќе повеќе од две децении е во претпристапен процес и донела тешки одлуки, меѓу кои и промената на името.
„И покрај тоа, сè уште нема одговор кога вашата земја ќе стане членка. Унијата ризикува со овој процес, и ако продолжи вака, ќе направи голема политичка грешка,“ нагласи тој.
Словачка со поддршка – време е за искреност и економска поврзаност
Во рамки на посетата, Македонија и Словачка потпишаа Меморандум за соработка, со цел да се зацврсти економската и трговската врска меѓу двете земји.
„Ова не е само формално потпишување на хартија. Целта е да се развие економијата, да се олесни движењето на луѓе и стоки и да се отвори поголем пазар што ќе им го олесни животот на граѓаните,“ изјави Пелегрини.
Тој предупреди и на пошироката криза во Унијата.
„ЕУ ја губи својата конкурентност. Заостанува зад САД и Азија, се соочува со високи цени на енергијата и ризик од економска војна. Мораме да инвестираме во инфраструктура и иновации ако сакаме да опстанеме,“ рече Пелегрини, додавајќи дека сите држави треба да имаат еднаков глас и право на вето.