Тензиите растат по најавата на Трамп за нови царински бариери
Министрите за трговија на Европската унија се состанаа во понеделник во Брисел за да го разгледаат одговорот на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе нови казнени царини, и покрај тековните преговори за деескалација. Според информациите, царините треба да стапат на сила од 1 август со стапка од 30 проценти.
Шефчовиќ: Европа беше блиску до договор
Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, изјави дека на земјите членки ќе им биде презентиран предлог за нови мерки како одговор на американските потези. Тој посочи дека „пораката на Трамп целосно ја промени динамиката“, и додаде дека ЕУ со недели водела преговори за суштински договор, за кој верувале дека е на дофат.
Контрамерки вредни милијарди – подготвени европски одговори
Како дел од подготовките за одговор, се разгледува воведување на царини на американски производи во вкупна вредност од приближно 72 милијарди евра. Дополнително, Европската комисија планира и ограничувања на извозот на некои производи кон САД – меѓу нив отпад од челик и хемиски супстанции – со очекувана вредност од околу 4,4 милијарди евра.
И покрај острите реакции, Шефчовиќ истакна дека „договорот е подобар од ескалација“ и изрази уверување дека американските партнери се сè уште отворени за разговори. Тој денеска повторно ќе разговара со американската страна во обид да се избегне трговски конфликт.