Еуромакс објави на берзата во Торонто дека е повлечено одобрувањето за спојување на концесиите на Иловица, посочувајќи дека оваа нова одлука не содржи и не е базирана врз правни аргументи.
Компанијата најавува дека ќе побара од Владата повторно да ја разгледа одлуката за спојување на концесиите во соодветно време со оглед на големата важност за развој на регионот и државата во целина.
Иако непоколеблив приоритет за компанијата останува развој и изградба на рударскиот комплекс во целосна согласност со современите домашни и меѓународни еколошки стандарди, согласно правилата на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови, компанијата веќе има дадено формално известување за спор до Владата и сега може да покрене Меѓународна арбитража во секое време.
Сите инволвирани страни може да бидат предмет на директни правни дејствија доколку во легална процедура се покаже дека новата одлука е во спротивност со позитивните законски прописи на Република Северна Македнија, или е политички мотивирана.
– Компанијата разбира дека оваа одлука е чуствителна за сите засегнати страни, меѓутоа компанијата ќе мора да ги превземе сите неопходни правни мерки и сите други неопходни чекори се со цел да ја заштити својата инвестиција и да ја заштити вредноста и интересот на секој акционер, вели Тим Морган, извршен претседавач на бордот на директори.