Министерството за надворешни работи ја координираше евакуацијата
Македонските државјани евакуирани од Израел попладнево со владиниот авион полетаа од Шарм ел-Шеик кон Скопје, информира министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„Безбедноста на македонските граѓани е најважна“, нагласи Муцунски, додавајќи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија целосно го координирало процесот на евакуација. „Станува збор за процес што бараше сериозен ангажман на нашите дипломатско-конзуларни претставништва, доследно почитување на безбедносните процедури и континуирана координација меѓу надлежните институции“, истакна министерот.
Тој потенцираше дека истовремено е финализирана постапката за склучување договор со компанија која во наредните денови ќе започне со реализација на летовите за евакуација на македонските граѓани од останатите погодени подрачја, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва.
„Нашите дипломатско-конзуларни претставништва и понатаму се на 24-часовно располагање на македонските државјани за секоја потребна помош и поддршка“, додаде Муцунски, уверувајќи дека надлежните институции ќе продолжат да ја следат ситуацијата и да реагираат според реалните потреби.
