Кос: Северна Македонија треба да ги спроведе уставните измени
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, изрази очекување дека Северна Македонија ќе ги спроведе уставните измени, што е предуслов за напредок во интеграцијата во Европската Унија.
„Тоа е нешто на кое сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека е можно и дека потоа ќе го забрзаме процесот,“ изјави Кос по назначувањето на новиот состав на Европската комисија.
На прашањето дали може да гарантира дека нема да има нови блокади по спроведувањето на уставните измени, Кос изјави дека не може да даде конкретен одговор на тоа прашање.
Мицкоски: Црвените линии на Македонија се јасно дефинирани
Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на изјавите на Кос нагласи дека Македонија има јасно дефинирани црвени линии и нема да отстапи од нив, дури и поради барањата за уставни измени.
„Македонските граѓани направија доволно отстапки. Ние кажавме што можеме да направиме – тоа е максимумот. Ова им е кажано на сите светски фактори. Од тие црвени линии нема отстапување,“ рече Мицкоски, додавајќи дека Македонија нема да биде жртва на билатерални блокади.
Фокус на внатрешните реформи и економскиот напредок
Мицкоски истакна дека Македонија останува посветена на усогласувањето со регулативите на ЕУ и дека реформите во земјата се веќе насочени кон европските стандарди.
„Ние направивме сè што е потребно. Ако мислат дека треба да се понижиме или уништиме во идентитетот за да напредуваме, тоа не е прифатливо. Ние ќе продолжиме да ги решаваме нашите внатрешни проблеми, да инвестираме во економијата и да работиме за нашите граѓани,“ изјави премиерот.
Македонија и НАТО: Безбедноста и европската интеграција остануваат приоритет
Во однос на надворешната политика, Мицкоски ја потврди посветеноста на Македонија како членка на НАТО, нагласувајќи дека нема друго влијание освен европското.
„Работиме според правилата на ЕУ и веруваме во напредок базиран на заслуги, а не на понижување,“ заклучи премиерот.