ЕУ спроведува суштинска и амбициозна транзиција со цел да постигне климатска неутралност и одржливост во следните неколку децении, што ќе биде клуч за зајакнување на Отворената стратешка автономија на ЕУ и за обезбедување на долгорочна конкурентност, за одржување на моделот на социјална пазарна економија и за консолидирање на глобално лидерство на Унијата.
Ова се посочува во Извештајот за стратешко предвидување за 2023 година, што денеска го претстави Европската комисија и кој содржи препораки за обезбедување на одржлив развој и благосостојба на луѓето и предлага 10 конкретни активности за постигнување на поставените цели и спроведување на успешна транзиција.
– За да успее, ЕУ ќе треба да одговори на неколку предизвици и да направи избори кои ќе влијаат на нашите општества и економии со досега невидени темпо и обем, се наведува во Извештајот.
Според Комисијата, во однос на растот на бруто домашниот производ (БДП), потребно е да се води сметка и за благосостојбата на луѓето, нивното здравје и заштитата на животната средина и да се одбере пристап што ќе ја зајакне отворената стратешка автономија на ЕУ.
Како главни социјални и економски предизвици со кои се соочува ЕУ, во Извештајот се посочуваат геополитичките промени во светот, потребата за воспоставување нов економски модел, фокусиран на благосостојбата на луѓето и на премин кон поодржливо производство и потрошувачка, недостигот на стручна работна сила и обезбедувањето доволно финансии и од јавниот и од приватниот сектор за инвестиции.
За остварување на планираната транзиција фокусирана на благосостојбата на луѓето и општеството, Европската комисија посочува 10 приоритети, почнувајќи од изработка на нов Европски општествен договор со редефинирани политики за социјална помош и фокусиран на висококвалитетни социјални услуги, зајакнување на единствениот пазар и на понудата на ЕУ на глобалната сцена и поддршка на промените во производството и потрошувачката насочени кон одржливост и поттикнување балансиран начин на живот.
Натаму, Еврокомисијата предлага јавна акција за насочување на финансиските текови за транзицијата кон планот за „Европа на инвестициите“, обезбедување одржливост на државните буџети преку ефикасна даночна рамка и јавна потрошувачка, насочување на политиките и економските индикатори кон инклузивна благосостојба, вклучување на сите Европејци во транзицијата преку зголемување на нивно учество на пазарот на трудот и развој на идните вештини, зајакнување на демократијата и поголемо граѓанско учество во зацврстување на механизмите на ЕУ за одговор на предизвиците.
Извештајот за стратешко предвидување за 2023 година треба да биде разгледен на седницата на Советот за општи работи закажна за в понеделник, по што со очекува да се најде на дискусија пред лидерите на ЕУ на Самитот во Гранада во октомври 2023 година. По ова, во ноември се предвидува Еврокомисијата и Европскиот парламент заеднички да ја организираат Годишната конференција за европска стратегија и систем за политичка анализа (ЕСПАС), на која што ќе се разговара за клучните наоди од Извештајот и за идните планови.
Инаку, на дневиот ред на заседанието на Советот за општи работи в понеделник е и Предлог-одлуката на Европската комисија за обезбедување макрофинансиска помош за земјава во износ до 100 милиони евра, за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина.