Сите жртви на насилство ширум Европската Унија заслужуваат поддршка и токму затоа Европската комисија предлага измени во постоечката Директива за заштита на правата на жртвите, со цел да се зајакнат нивните права, да им се обезбеди поддршка и пристап до релевантни информации и правда и да добијат отштета, соопшти денеска Еврокомисијата.

Со предложените измени се ажурираат воспоставените правила во Директивата за заштита на правата на жртвите од 2012 година во согласност со потребите на современото општество и развојот на технологијата и правдата.

Со реформите на Директивата, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, треба да се гарантира подобро информирање на жртвите за нивните права и обезбедување на потребните ресурси за да го пријават кривично дело, особено преку воспоставување единствена телефонска линија за помош на жртвите во ЕУ на бројот 116 006, како и активирање на веб-страница за да им се овозможи раззговор и електронска комуникација.

– За зајакнување на безбедносните мерки приспособени на специфичните потреби на ранливите категории, како деца, постари лица, лица со попреченост, жртви на насилство од омраза или жртви во притвор, предлагаме подобрување на индивидуалната проценка на потребите за заштита на жртвите со обезбедување таа да започне уште од првиот контакт со властите и да се прошири листата на расположливи мерки за заштита, како на пример наредби за заштита или обезбедување присуство на органи за спроведување на законот, се додава во соопштението.

Европската комисија предлага и обезбедување пристап до специјализирани услуги за поддршка за жртвите, како што е бесплатна психолошка поддршка онолку долго колку што е потребно во зависност од нивните индивидуални потреби.

Натаму се предвидува олеснет пристапот до правдата, со тоа што на жртвите ќе им се гарантира неопходната помош во судовите и ќе им се овозможи оспорување на одлуките на кривичната постапка што ги засегаат нивните права, како и ефекасна исплата на отштета веднаш по пресудата. – Жртвите треба да имаат право да добијат решенија за исплата на отшетата, како дел од кривичната постапка без потреба од прибегнување кон друга постапка, а државата треба директно да и го плати надоместокот на жртвата, барајќи потоа компензација од сторителот, се посочува во препораките.

Предложени мерки се базираат на евалуацијата на Директивата за правата на жртвите од 2012 година и на Стратегијата на ЕУ за правата на жртвите 2020-2025 година, како одраз на посветеноста на Европската унија за континуирано подобрување на заштитата и поддршката што им се нуди на жртвите на насилсѕво во земјите членки на ЕУ.

По усвојување на измените согласно процедурите во Унијата, земјите членки на ЕУ ќе имаат рок од две години да ги имплементираат во нивните национални законодавства. Исклучок е направен единствено за одредбата за користење на електронски средства за комуникација, за што на земјите членки им се остава рок од четири години за воспоставување на потребната инфраструктура.