Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ ѝ се обрати на јавноста од Литванија по посетата на хрватските војници кои се сместени во база на НАТО во таа земја.

„Се игра опасна игра, да беше Украина повикана во НАТО, тоа ќе беше објава на војна на Русија. Тоа очигледно се сака да се избегне и така ќе остане засега“, кажа Милановиќ.

Истакна дека се воздржува од изјави на таа тема.

„Тоа се настани на кои сте опкружени со луѓе неколку дена. Разговарате со други државници за тоа што е направено, што можело да се направи, што не би требало, јас тука го пазам хрватскиот интерес“, кажа тој.

Истакна дека е јасно зошто украинскиот претседател Володимир Зеленски е незадоволен од пораките на НАТО бидејќи очекувал повеќе, но „не поради тоа што некој му ветувал повеќе, не му ветувал никој“.

Кажа дека не разговарал со Зеленски: „Не. За што?“, праша Милановиќ и додаде дека сочувствува со она низ што минуваат луѓето во Украина.

Кажа дека со другите имал низа прилики за разговори, и тоа за важни прашања, како на пример за Косово и Босна и Херцеговина, како и за тоа зошто Албанија, Македонија и Црна Гора толку долго чекаат пред вратата на ЕУ.

„За мене е поважно тоа што се случува во БиХ отколку тоа што се случува во Украина“, истакна Милановиќ и додаде дека му се „ужасно неуверливи“ причините на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

„Денес се бавевме и со Кина, што е неприродно. НАТО е северноатлантска организација, а имаше иницијатива да се отвори канцеларија во Јапонија“, истакна хрватскиот претседател.