Поддршка за трите клучни дигитални закони од страна на европската комисија

Европската комисија донесе одлука да ѝ одобри на Македонија нов пакет финансиска поддршка во износ од 16 милиони евра, како дел од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан. Средствата следуваат по позитивната техничка процена на четири успешно спроведени реформи, од кои три се во областа на дигиталната трансформација.

Министерството за дигитална трансформација соопшти дека оваа европска одлука е јасен сигнал за доверба во домашните реформски процеси и признание за напредокот на државата во областа на дигитализацијата. Дел од средствата ќе бидат насочени кон буџетот, а остатокот кон проекти што ќе ја подобрат дигиталната инфраструктура и безбедност.

Реформите што ја добија поддршката од Брисел

Според Европската комисија, реализирани се клучни активности кои ја приближуваат земјата кон европските стандарди:

-усвоен е Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со директивата за сајбер-безбедност (NIS2);

-донесен е Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, кој го воведува европскиот модел на дигитален идентитет;

-воспоставена е нова правна рамка за електронско архивирање во јавната администрација преку Законот за архивски материјал.

„Оваа одлука претставува конкретна потврда дека европските институции ја препознаваат и поддржуваат нашата работа во насока на создавање безбедна, поврзана и модерна дигитална држава,“ изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, нагласувајќи дека донесените закони поставуваат основа за долгорочна дигитална реформа и подобри јавни услуги.

Средствата ќе се насочат кон дигитални и инфраструктурни инвестиции

Од вкупниот износ, 7,4 милиони евра ќе бидат исплатени директно во државниот буџет, а остатокот преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) ќе поддржи конкретни инфраструктурни проекти. Министерството најави дека ќе продолжи со спроведување на реформите во согласност со европската дигитална агенда и стратегијата „Дигитална декада 2030“.