Сиљановска Давкова на прием кај унгарскиот амбасадор

На приемот организиран синоќа од унгарскиот амбасадор во Скопје, Андраш Клајн, беше одбележан Националниот ден на Унгарија, а меѓу присутните се најде и претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

„Долгогодишното македонско-унгарско пријателство се темели на силни економски врски, културни и академски програми, заеднички иницијативи, како и на соработката во одбраната. Унгарија останува искрен и посветен поддржувач на македонскиот евроинтеграциски пат, препознавајќи ги нашите напори за стабилност и реформи, засновани на европските вредности“, напиша претседателката Сиљановска Давкова на својот Фејсбук профил.

Таа исто така нагласи дека верува оти партнерството меѓу двете земји ќе продолжи да се развива во духот на взаемна почит и солидарност.

На приемот присуствуваа и министрите Панче Тошковски, Гордана Димитриеска Кочоска и Весна Јаневска, претставници од Собранието, локалната самоуправа, бизнис заедницата и дипломатскиот кор.