28% повеќе враќања, но помалку илегални преминувања

Европска комисија денеска го објави новиот годишен извештај за состојбата во Шенген-зоната, во кој се наведува зголемување од 28 отсто на бројот на враќања на странци без право на престој во Европската Унија во 2025 година, споредено со претходната година.

Според документот, ова претставува највисок удел на враќања во последната деценија.

Истовремено, се бележи намалување од 26 отсто на незаконските преминувања на надворешните шенгенски граници.

66 милиони движења и одбиени илјадници патници

Во првите месеци по воведувањето на целосно автоматизирано преминување на надворешните граници, се регистрирани 66 милиони влегувања и излегувања.

Во истиот период, на околу 32.000 патници без право на влез во ЕУ им бил одбиен пристап.

Подготовки за промени во правилата и дигитализација

Европската комисија најавува дека ќе предложи измени во шенгенските правила, особено во делот на визната политика и процедурите за враќање на странци кои незаконски престојуваат.

„Државите од Шенген треба дополнително да ги зголемат можностите за враќање на странците кои незаконски престојуваат“, наведува ЕК.

Се најавува и законска иницијатива за дигитализација на процесот на враќања, со цел намалување на административните процедури и олеснување на работата на националните служби.

Комисијата очекува и завршување на процесот за приклучување на Кипар во Шенген. Извештајот ќе биде разгледан од министрите за внатрешни работи на ЕУ во јуни.