Европската унија денеска одржува меѓународна донаторска конференција за да им помогне на сириските бегалци и нивните заедници домаќини.
– И покрај војната на нашиот праг, Европската унија не заборава на другите конфликти, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел пред конференцијата во Брисел, осврнувајќи се на војната во Украина.
– Милиони луѓе во Сирија и во регионот секој ден зависат од хуманитарна помош, рече Борел.
Повеќе од 13 милиони луѓе ја напуштиле Сирија или биле раселени во земјата од почетокот на конфликтот во 2011 година, според УНХЦР, агенцијата за бегалци на ОН.
Околу 5,6 милиони Сиријци нашле засолниште во соседните и блиските земји, објави УНХЦР, а многумина живеат во сиромаштија.
Конференцијата е 10-та годишна донаторска конференција за Сиријците од 2013 година. По конференциите во Кувајт и Лондон, Брисел е домаќин на конференциите од 2017 година.
Минатата година на конференцијата беа собрани 5,3 милијарди евра (5,6 милијарди долари), од кои 3,7 милијарди евра се од Европската комисија и земјите-членки на ЕУ.
Според Комисијата, од почетокот на војната во 2011 година, ЕУ и нејзините земји-членки донирале 27,4 милијарди евра за хуманитарна помош за Сирија и регионот.