Киев денеска беше домаќин на европски лидери кои пристигнаа на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина. Во исто време, Европската Унија и Велика Британија најавија нова воена поддршка за Киев во неговата одбрана од Русија.

Меѓу лидерите кои отпатуваа во украинската престолнина беше и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Брисел во меѓувреме одобри нова транша од 6,1 милијарда евра, односно 7,1 милијарди долари, за системи за противвоздушна одбрана, ракети, муниција и радари.

Помошта е дел од заемот на ЕУ за Украина во вкупна вредност од 90 милијарди евра за периодот 2026 и 2027 година. Средствата се наменети за поддршка на одбраната на земјата од руската инвазија.

Британскиот премиер Енди Бурнам, пак, пред своето прво меѓународно патување најави дека Велика Британија ќе ѝ помогне на Украина во производството на ракети со долг дострел „Скалп“. Поддршката ќе се реализира преку споделување на нацртите за британските компоненти со Киев.

Станува збор за француски верзии на британските ракети „Сторм шедоу“, кои Украина ги користи за напади врз цели во Русија. Киев и Париз планираат да воспостават и локални производствени линии за овие ракети во Украина.

Москва остро ги критикуваше плановите. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го обвини Лондон дека со ваквите активности „долева масло на огнот“ во војната.

Украина денеска ја одбележува независноста во чест на Декларацијата за независност од Советскиот Сојуз, која беше усвоена на 24 август 1991 година.

Во своето обраќање до нацијата, украинскиот претседател Володимир Зеленски упати директен предизвик до рускиот претседател Владимир Путин. Тој порача дека Москва мора да биде принудена да клекне на колена преку единството на меѓународната заедница.

„Во сите свои планови за Украина, Путин ја погреши најважната работа“, рече Зеленски, оценувајќи дека Русија го потценила украинскиот народ.

Зеленски оцени дека Путин сакал да ја направи Русија голема, но посочи дека денеска во земјата има долги редици на бензинските станици, додека руските војници на бојното поле се претвораат во „ѓубриво“ под ударите на украинската армија.

Сепак, украинскиот претседател призна дека ситуацијата е „навистина, многу тешка за сите нас“. Тој повторно го отфрли барањето на Русија Украина да ѝ го отстапи регионот Доњецк.

„Никој не верува дека тоа би ја запрело војната“, рече Зеленски. Тој додаде дека Украина не им верува на руските власти, дека земјата „стана поинаква“ и дека „нема да се откаже од ништо“.

„Земјата не е жртва, туку борец“, изјави Зеленски.