Амандманите поднесени од страна на Социјалдемократите и Зелените преку кои се даваше поддршка за конструктивниот однос на Македонија и се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Македонија не помина поради блокада на европратениците од Европската народна партија и Европските конзервативци.
Изготвувачот на извештајот Илхан Ќучук го поздрави фактот што Македонија продолжи со реформите и покрај пандемијата од Ковид-19.
-Се надевам дека Македонија и Бугарија ќе продолжат со дијалогот за нерешените билатерални прашања за да постигнат одржлив резултат. Постигнување компромис за акциски план со конкретни мерки, чија имплементација би се проценувала редовно согласно Договорот за пријателство, би го рестартирало процесот и би му овозможило на Советот да ја свика првата меѓувладина конференција што е можно поскоро, изјави Ќучук.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во обраќањето пред европратениците на дебатата за годишните извештаи за напредокот за земјите од Западниот Балкан, изрази надеж дека сѐ уште е можно првата меѓувладина конференција со Македонија да се одржи за време на португалското претседателство со ЕУ, односно пред 1 јули.