Во моментов, вакцината на „Фајзер/Бионтек“ е одобрена во САД за лица постари од 16 години, а производителот објави дека побарале продолжување на овластувањето од американската Администрација за храна и лекови за вклучување на помлада возрасна група.

Минатиот месец, компаниите објавија дека клиничкото испитување утврдило дека вакцината е безбедна, ефикасна и дава силни реакции на антитела кај деца на возраст од 12 до 15 години.

Директорката на американските Центри за контрола на болести, Росел Валенски, за Еј-Би-Си Њуз во четвртокот изјави дека очекува вакцината да биде одобрена за деца на возраст од 12 до 15 до средината на мај.

Во студија спроведена на 2 260 доброволци од САД на возраст од 12 до 15 години, прелиминарните податоци покажаа дека не се појавиле случаи на ковид кај целосно имунизираните адолесценти.

Ко-основачот на „Бионтек“, Угур Сахин, рече дека резултатите се одлична вест бидејќи децата од оваа возраст ќе може да се имунизираат и побрзо да се вратат во училиште.

-Првичните резултати што ги видовме во студијата за адолесценти сугерираат дека децата се особено добро заштитени со вакцинација, што е многу охрабрувачки. Многу е важно да им се овозможи на овие деца да се вратат во секојдневниот училишен живот и да може се сретнуваат со пријатели, членови на семејство, а во исто време да не претставуваат ризик, рече Сахин.

Наскоро, се очекуваат и резултатите од американската студија на вакцината „Модерна“ спроведена на популација од 12 до 17 години. Во САД, децата сочинуваат 13 отсто од вкупниот број на заразени со ковид-19.