Лекот, кој во моментов се изработува се покажал како одличен во спречувањето на ширењето на вирусот, а тестирањето на луѓе ќе се врши во САД и во Белгија до крајот на годинава, соопшти „Дејли мејл“.

Станува збор за лек кој би можел да биде клучен во борбата против пандемијата, а го изработува тим научници од Институтот Гете во Франкфурт. Еден од нив е и професорот д-р Иван Џикиќ, кој уште од почетокот на пандемијата се обидува да ги открие слабите точки на ковид-19.

Нивниот лек се базира врз насочено дејство на ензимите на вирусот, односно протеазата. Лекот спречува размножување на вирусот и е комплементарен со вакцините. Тоа значи дека можеме да го користиме кај вакцинирани и невакцинирани лица, како и кај секој што ќе биде заразен со ковид-19 во иднина.

– Вакцината работи против влегување на вирусот во клетките, а лекот дејствува на вирусот кој веќе е во клетките. Веројатно ќе го користиме во комбинација со лек против друг ензим наречен репликаза. Можеме да го споредиме со ХИВ затоа што го победивме на ист начин. Потребни беа, сепак, 30 години да се најде коктел од два лека и нивната комбинација ја отстрани опасноста од развој на сида – објаснува д-р Џикиќ.