Во извештајот на „Фич” се наведува дека поради затегнатата монетарна политика, инфлацијата се намали на 3% во февруари оваа година, во споредба со 19,8% во октомври 2022 година, кога го достигна највисокото ниво. Базичната инфлација исто така се намали на 4,7% во февруари, од највисокото ниво во декември 2022 година од 11,1%, за што придонесува и стабилизирањето на инфлациските очекувања. „Фич” прогнозира дека просечната стапка на инфлација ќе се намалува и во 2024 и 2025 година. Според нив, брзиот раст на платите претставува нагорен ризик за инфлацијата. Сепак, посочуваат дека зголемените профитни маржи во последниве години можат да неутрализираат дел од повисоките трошоци и да придонесат за намалување на ризикот од повисока инфлација.

Банкарскиот сектор и натаму е стабилен и профитабилен, а адекватноста на капиталот од 18,1% е на највисоко ниво во последните 17 години. Кредитната активност забави сведувајќи се на 5,1% во декември 2023 година, а забавуваат и цените на недвижностите како резултат на затегнатата монетарна политика и преземените макропрудентни мерки.

Агенцијата ги нагласува и поволните трендови кај денаризацијата, којашто е зголемена и го достигна нивото од 49,8% на крајот на 2023 година, со што се надминаа негативните ефекти забележани од почетокот на војната во Украина. За ова придонесуваат и последните остварувања кај депозитите коишто упатуваат на зголемено учество на денарските и долгорочните депозити на населението.