Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) соопшти денеска дека не се пронајдени индиции за „манипулации“ или неправилности на натпреварите на неодамна завршеното Светско првенство во Катар.
Работната група за интегритет, како што се наведува на официјалниот сајт на ФИФА, внимателно ги прегледала снимките од сите 64 мундијалски натпревари за евентуално да воочи какви било неправилности или обид за манипулација. Во поднесениот извештај до ФИФА се тврди дека такви случаи не се идентификувани.
ФИФА наведе дека ќе продолжи да соработува со работната група за интегритет во насока на заштита на завршните турнири во иднина, почнувајќи од Светското првенство во женска конкуренција кое идната година ќе се одржи во Австралија и Нов Зеланд.
Исто така, ФИФА ќе продолжи да развива и сопствена стратегија за интегритет заедно со конфедерациите, националните асоцијации и другите заинтересирани страни во борбата против манипулации на фудбалските натпревари.