Лозарите се соочуваат со ситуација во која вложениот труд, средствата и целогодишната работа им пропаѓаат пред очи, а власта не носи никаква мерка за да им помогне да ја пребродат кризата, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средбата со лозарите во неготинското село Тремник, на која се разговарало за проблемите со откупот и цените на грозјето.
На средбата, како што соопшти СДСМ, лозарите алармирале дека црното грозје од сортата „вранец“ не се откупува, а белото грозје се откупува за цена од 14 денари за килограм.
Филипче нагласи дека ова не е проблем само на лозарите од Неготинско, туку состојба со која се соочуваат лозарите во целата држава и потсети дека во времето на владите на СДСМ, кога, како што рече, трудот на лозарите беше ценет и вреднуван – се зголемија субвенциите и навреме се исплаќаа, секогаш кога лозарите се соочуваа со проблем, владите на СДСМ носеа интервентни мерки, што не е сега случај со власта на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој најави дека СДСМ повторно ќе предложи конкретни мерки за да им се помогне на лозарите.
– Ќе направиме предлог-мерка за поддршка на лозарите во согласност со состојбата на терен, колку од лозарите имаат предадено грозје за откуп, колку немаат, колку од грозјето скапува на нивите и од дождот и според тоа во најкус рок ќе дадеме соодветен предлог во Собранието за помош на лозарите – рече Филипче.
