1320 новозаразени и дури 50 починати за 24 часа, гласат денеска објавените податоци на македонскиот Институт за јавно здравје. Ова е највисока бројка на починати од Ковид-19 во земјата од почетокот на пандемијата.

Ситуацијата значи останува драматична, а Комисијата за заразни болести допрва се очекува да ја разгледа можноста за воведување нови рестриктивни мерки за претстојните верски празници. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека за време на минатогодишните празници имало построги мерки, но суштината е во почитувањето на веќе важечките мерки.

Филипче по денешната посета на ЈЗУ Клиничка болница-Битола рече дека земјата се соочува со пикот на досега најсилниот бран.

На голем број пациенти им е потребна соодветна здравствена заштита за што имаме секојдневна координација и комуникација со директорите на сите болници ширум државата. Има сосем доволен број на болнички кревети секој пациент ќе ја добие потребната здравствена заштита – тврди Филипче.

Според Филипче, процесот на вакцинација против Ковид- 19 се одвива без проблеми. Тој очекува српските здравствени власти да го испратат електронски списокот за сите граѓани кои изминатиов период се вакцинирале во Србија, додавајќи дека сите кои се вакцинирале таму, втората доза ќе ја добијат во Македонија.

Филипче апелираше граѓаните да продолжат со почитување на мерките и по вакцинацијата.

Да се почитуваат веќе препорачаните превентивни мерки маските, дистанцата исклучително е важна сега и времето е убаво, но секаде во регионот се случува многу силен бран, илјадници заразени во околните земји, така што препорака за граѓаните е да се почитуваат важечките мерки. И после вакцинацијата ќе останат на сила тие превентивни мерки, маската ќе ја носиме навистина долго време – изјави Филипче.

И премиерот Зоран Заев од Прилеп апелираше сите граѓани да се вакцинираат против Ковид-19, со цел да се победи пандемијата. Тој потсети дека салата „Борис Трајковски“ во Скопје веќе се подготвува за масовна вакцинација.

Она што изненадува и не боли е што пријавените сите, односно тие што се над 75, 77 години се хронично болни, 20 отсто не се јавија на пунктовите. Апелирам да се јават сите, да ја примат вакцината, ова е важна работа, само на тој начин ќе го заштитиме нашето здравје, само на тој начин ќе ја победиме пандемијата – изјави Заев.