Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека може да се организираат состаноци, конференции, семинари и работилници за кои има протоколи и за влез во такви објекти во затворено ќе биде неопходно да се даде сертификат за вакцинација.

Многу веројатно е дека овој механизам, посочи министерот, ќе бара една координација и ќе отвори многу предизвици и прашања и затоа ќе се координираат институциите кои треба сето тоа да го конторлираат.

– И досега беше во ингеренциите на инспекторатите да се контролира почитувањето на протоколите и колкав капацитет е пополнет од една просторија. Оваа недела ќе ги направиме тие координации за секој да си ги знае своите ингеренции. Задолжени се сите институции каде се организираат такви настани да имаат редарска служба која ќе ги бара тие сертификати и понатаму контролата преку инспекторатот. Имавме стручна дискусија и ставот е дека прележана болест, антитела, односно имунитет од прележана болест не штити доволно, не создава доволно имунитет како што создава вакцината, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој посочи дека сосема навремено ги предлагаат сите мерки и дека најавувале повеќе месеци наназад дека ќе ги воведат и го чекале моментов кога за тоа е соодветно. Појасни дека и кога минатата недела почна евидентниот раст, тогаш кога се зголеми и бројот на пациенти кои се хоспитализирани сметаат дека е добар период кога доаѓаат и месеци кога поголем број луѓе ќе бидат во затворено да се предложи ваква мерка.

– Во таа смисла се и овие координативни состаноци за подготовка на здравствениот систем, сите овие механизми со ротација на кадар, обезбедување распоред на здравствени установи кои би примале пациенти итн. Ние не мжеме да предвидиме дали овој раст ќе продолжи или ќе запре. Се надеваме дека ќе запре заради тоа што сепак имаме одредена бројка на вакцинирано население, околу 500 000 граѓани кои се вакцинирани и следниве недели ќе бидат ревакцинирани. Сметаме дека тоа може да го успори растот. Раст има и во другите земји, меѓутоа мора да ги преземеме овие мерки сега и тие се навремено преземени. Мислам дека ова ќе даде добри резултати со цел другите процеси кои треба да почнат од есенските месеци, на пример училиштата да почнат како што посакуваме, рече Филипче.

Податоците од анкетите, нагласи, покажуваат дека имаме проблем таму каде мерките не се почитуваат и сега за тие затворени простории имаме соодветни протоколи кои очигледно не се почитувале и затоа имаме еден ваков проблем. Посочи дека сепак луѓето планирале одредени настани и сметаат дека една недела до 16 август е разумен период ако треба да ги поместат, да ги одложат малку за да имаат време да се организираат.

Во врска со опфатот со вакцинацијата на наставниците, истакна дека засега е околу 60 проценти.

– Имаме секојдневна комуникација со Министерството за образование и наука кое често ги комуницира директорите на училиштатата за да тие ги мобилизираат своите вработени. Ќе видиме каков ќе биде одговорот до крајот на оваа недела. Ако продолжи со оваа динамика верувам дека висок процент на вработените и во МОН во делот на училиштата и во градинките ќе бидат опфатени со вакцинацијата. Во двата сектори сега е околу 60 проценти, додаде Филипче одговарајќи на новинарски прашања.