„Бројот на новодијагностицирани случаи се намалува. Меѓутоа, нема гужва во центрите за јавно здравје, ниту во Институтот. Во оние најсилни претходни бранови имаше редици. Термини има сосема доволно и станува збор за околу 300-350 новодијагностицирани случаи што значи дека може многу комотно без никакво чекање да се тестираат било кога. Во таа смисла, нема информација дека нема термини. Тогаш кога имаше проблем и имаше потреба, алармираа самите центри и Институтот за да се пуштат повеќе термини во текот на неделата“, изјави денеска министерот.
Според него, тешко е да се има очекувања во однос на тоа како ќе се одвива ситуацијата понатаму, но уверува дека ефектите од вакцинацијата се очигледни.
„Сметам дека со оглед на тоа што овој бран беше силен, имаше голем број новодијагностицирани пациенти и пациенти на кои им беше потребно болничко лекување, само во градовите каде што беше низок опфатот на вакцинација. А во градовите каде што беше повисок, немаше гужва во болниците. Сега на ниво на држава има пораст на бројот на вакцинирани, сметам дека силен бран не би требало да има, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни. Очигледно е дека вакцинацијата го прави своето и има ефект. Тоа е докажано во градовите во кои болниците не се оптеретија. И доколку се заразат вакцинирани лица ќе имаат полесна форма на болеста“, додаде Филипче.
Тој нагласи дека со вакцинацијата граѓаните го штитат и сопственото здравје, но и здравствениот систем воопшто, овозможувајќи да не се прават листи за чекање.
„Ресорниот министер истакна дека околу илјада граѓани веќе се вакцинирале и со трета доза, додека се намалува бројот на оние кои се јавуваат на пунктовите за прва.
Тоа што го забележавме изминатиот период е дека секој почеток – дали е кампања или некаква препорака, го зголемуваше бројот на луѓе кои аплицираа за вакцинација. Верувам дека се’ повеќе е јасно каков е ефектот од вакцинацијата, а тоа е таму каде што има заболени да не се преоптеретат болниците“.
Одговарајќи на новинарско праша дали ќе има нови кампањи за поттикнување на граѓаните да се вакцинираат, или ќе се чека вирусот сам да спласне, Филипче нагласи дека тешко е да се предвиди како ќе се движи ситуацијата со вирусот, бидејќи има различни студии.
„Во овој момент освен кампањите и рестриктивните мерки, некои други земји посегнуваат кон препорака вакцината да биде задолжителна . Ние се’ уште не размислуваме за тоа, но ништо не е исклучено. Ќе видиме како ќе биде овој период, ќе видиме дали овој опфат со вакцина и понатаму ќе ги намалува бројките“, додаде министерот.