Преспанскиот договор го зајакнува, а не го загрозува македонскиот идентитет, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека благодарение на договорот се заштитени македонскиот јазик, идентитет и културните особености, а државата стана полноправна членка на НАТО и доби перспектива за членство во Европската Унија.

„Во Преспанскиот договор нема ништо што го загрозува нашиот национален идентитет, напротив, го зајакнува. Се Преспанскиот договор се гарантира македонскиот јазик како официјален јазик на Република Северна Македонија и во целиот свет. Се заштитува македонскиот национален идентитет, културата и историјата како посебни и различни од другите. На секоја лична карта, пасош и официјален документ стои „македонско“. Секој граѓанин слободно зборува македонски јазик, кој е признат од секоја земја-членка на Европската Унија“, рече Филипче.

Тој додаде дека благодарение на овој договор македонските симболи, традиција и културен идентитет продолжуваат слободно да се негуваат и промовираат.

„Македонските симболи, песни, фолклор и традиција продолжуваат да се слават секаде, без никаква забрана. Во Северна Грција, за прв пат луѓето слободно се собираат, пеат македонски песни и играат македонски ора. И сето ова, пред Преспанскиот договор, беше практично незамисливо“, рече Филипче.

Воедно, говорејќи за придобивките од Преспанскиот договор, Филипче нагласи 27 години официјалното име на државата беше Бивша Југословенска Република Македонија, а по 27 години блокада, денес Македонија е полноправна и рамноправна членка на НАТО.

„Од нашата независност во 1991 година, 27 години бевме Бивша Југословенска Република Македонија. Тоа беше официјалното име во Обединетите нации. Благодарение на Преспанскиот договор, по 27 години блокада, денес сме полноправна и рамноправна членка на НАТО. Имаме отворен пат и шанса да станеме земја-членка на Европската Унија. И ние во СДСМ сме горди на тоа, а денес треба да бидат горди и сите наши граѓани кои досега беа лажени од ВМРО“, рече Филипче.