На Универзитетската клиника за Неврохирургија е воведена нова метода во лекување на лекување на пациенти со мозочно крвавење, објави денеска министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на „Фејсбук“.

– Утрово на УК за Неврохирургија, воведовме нова метода во лекување на пациенти со мозочно крвавење. Операцијата ја направивме со новиот иновативен уред-дволуменски систем кој истовремено овозможува следење на интракранијалниот притисок, испирање на коморниот систем на мозокот и дренажа на цереброспиналната течност, посочи Филипче.

Овој систем, како што наведува, веќе континуирано се употребува во секојдневната клиничка пракса во неколку земји во светот како САД, Германија, Португалија и Холандија.

-Од денеска овој иновативен уред се става во континуирана употреба и на Клиниката за Неврохирургија, а ние сме единствена земја во Југоисточна Европа каде ќе се врши оваа метода, наведува министерот за здравство.

Во операцијата, како што посочува, на Филипче му асистирале неговите колеги неврохирурзи д-р Владимир Рендевски, директор на Клиниката и д-р Благој Шунтов.