Министерот за правда Игор Филков на амандманската расправа за Предлог-законите за судска служба и за јавнообвинителска служба, упати порака до опозицијата дека реформите во правосудството нема да бидат заложник на политички опструкции и дневнополитички пресметки.

„Јас секако можам да ве оставам да ме навредувате затоа што го сметам за одраз на политичка фрустрација, немоќ и одраз на домашно воспитување. Но, не можам и нема да дозволам да глумите лажна загриженост пред македонската јавност и да се обидувате да манипулирате со фактите.Искрено, ми е жал што вчера беше прекината расправата и што имавме закажано состанок на работната група за измените на Изборниот законик. Тоа е иста онаа работна група од која што вие отсуствувате, со очигледна намера да го бојкотирате реформскиот процес. Јас, тоа секако не можам, и не смеам да го дозволам “, порача министерот Филков.

Министерот Филков потсети дека сите реформски закони што ги подготвува Министерството за правда минуваат низ транспарентна и инклузивна постапка. Законите за судска и за јавнообвинителска служба се подготвени низ широк консултативен процес и меѓуинституционално усогласени со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор. Со законските решенија се задржуваат постојните категории на работни места со цел да се обезбеди правна сигурност и стабилност на системот на судска и јавнообвинителска служба, како и да се зачуваат сите постојни работни места.

Истовремено, се гарантира заштита на сите стекнати права на вработените. Дополнителна гаранција претставува и фактот што правата утврдени со Колективниот договор, кои предвидуваат етапно зголемување на платите за речиси 40 проценти, се вградени во законските решенија. На тој начин се потврдува дека реформите се насочени кон унапредување на статусот и правата на вработените, а не кон нивно ограничување.

Во процесот на подготовка на законите се спроведени повеќе консултации и со претставници на Европската комисија и СИГМА, со цел обезбедување усогласеност со европските стандарди и препораки.

„Нема да ви дозволам да манипулирате со вистината. Да сакавте во изминатите години да дадете барем еден конструктивен предлог, ќе составевте барем еден добар закон. Наместо тоа, денес ние во првите две години носиме повеќе од 30 реформски закони со кои ги исправаме долгогодишните слабости во системот“, порача министерот Филков.

Со донесувањето на овие закони се очекува исполнување на обврските преземени во рамките на Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, како и дополнително јакнење на капацитетите на правосудните институции.