За годишнината организира настан од 11 часот, на кој ќе се обрати деканот Ратко Дуев, ќе бидат доделени благодарници, ќе бидат промовирани Годишниот зборник на Филозофскиот факултет, Зборникот од Втората научна студентска кнференција МЕЕТ и 24-тиот број од списанието „Внатрешен патник“.

Во рамки на презентацијата на факултетските научно-истражувачкки проекти, ќе биде претставен и Еразмус-проектот „Пристапно и дигитално киултурно наследство“ од раководителот на проектот, проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс.

Филозофскиот факултет во Скопје е основан на 16 декември 1920 година и е прва високообразовна институција во Македонија, со која се смета дека започнува ерата на модерното високо образование во земјава.

– Само до Првата светска војна, кога прекинува со работа, на него дипломирале околу 1800 студенти. Во 1946 година, со закон на тогашната Влада тој е обновен, како прва единица на првиот македонски универзитет. По независноста на државата, Филозофскиот факултет донесе големи промени кои се наметнале како нова етапа во развојот на високото образование, соопшти Деканатот на Филозофскиот факултет.

Факултетот сега има 15 студиски програми на додипломски и 25 на постдипломските студии, 12 институти и 12 библиотеки. Во согласност со потребите на новото време, почнат е процес на дигитализација, а целиот библиотечен материјал може да се пребара електронски.

– Факултетот денес ги следи и светските трендови, пред сè во делот на визитинг-предавања од водечки светски професори, меѓународна размена на професори и студенти, реализирање летни школи и семинари. Во изминатите децении факултетот е вклучен и во носењето на многу закони и стратегии во разни области. Пред него ќе има тешка и одговорна задача да создава и применува образовни модели соодветни на интересите на младите луѓе во земјава, а применливи во меѓународниот трансфер на идеи, наведува Деканатот на Филозофскиот факултет по повод 101 година од почетокот на неговата работа.