Поддршка од САД за реформите во јавните финансии и буџетската дисциплина
Продлабочување на буџетските реформи и јакнење на финансиската дисциплина, со силна поддршка од САД, беа во фокусот на работниот состанок што го одржа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со Џејсон Винички, заменик-директор за буџет и финансиска одговорност во Канцеларијата за техничка помош – ОТА при Министерството за финансии на САД.
На средбата беше разговарано за унапредување на буџетските процеси во рамки на Реформската агенда, како и за имплементацијата на Законот за буџети. Притоа беше истакнато дека поддршката од Канцеларијата за техничка помош – ОТА има значајна улога во планирањето и извршувањето на Буџетот, како и во подобрувањето на буџетското сметководство.
Долгорочна техничка соработка во јавните финансии
Министерството за финансии, со поддршка од Трезорот на САД и Канцеларијата за техничка помош – ОТА, континуирано работи на зајакнување на институционалните капацитети и на изградба на модерен и стабилен систем на јавни финансии.
Во рамки на оваа соработка, системот за буџетско планирање на Министерството за финансии, заедно со неговата структура, класификации и процеси, првично е развиен со техничка помош од САД. Тој претставува цврста основа врз која денес се гради современо управување со јавните финансии.
Преку оваа техничка поддршка досега се подготвени нацрт-верзии на сите клучни буџетски класификации – економска, функционална, програмска, организациска, како и класификацијата според извори на финансирање.
