Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма нема платено ниту една рата 469 дена пред затворањето на банката, односно од 2019 година, се вели во денешното соопштение на здружението Оштетени штедачи.

– Според билансите на фирмата, во годината кога е земен кредитот, оваа фирма немала ни приходи. Основана е во мај 2016 година, без вработени, со седиште во општина Карпош во Скопје и непаричен влог од 5 илјади евра. Во изминатите години од нејзиното основање, фирмата плива во долгови, со задолженост од околу 120 отсто. Без приходи, со меница како единствено обезбедување за земениот кредит, оваа фирма е сега кандидат за затворање како деловно неактивна.

Оштетените штедачи се сомневаат дека Џамбазов ја искористил својата фирма за да му биде одобрен ненаплатлив кредит во договор со некој од раководните лица од Еуростандард банка

Како е можно фирмата на овој шоумен да добие кредит само на основа на обична меница, а истата да биде презадолжена уште кога е основана, а уште повеќе и без приходи во годината кога ѝ е доделен кредитот!? Даден кредит што не може да се наплати од фирмата поради тоа што нема ни од што. Оваа кражба остави преку 3.000 семејства без нивните лични средства во сред пандемија и тешка економска криза, прашуваат Оштетени штедачи.