По посетата на Македонија, Косово, Црна Гора и Србија, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пристигна во Сараево на крајот од нејзината турнеја низ Западен Балкан. Таа се сретна со претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.
Фон дер Лајен, на крајот од својата турнеја низ земјите од Западен Балкан, престојуваше во Босна и Херцеговина, каде одвоено се сретна со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ, а потоа и со претседавачот на Советот на министри на таа земја, Борјана Кришто.
– Иднината на БиХ е во ЕУ, изјави Фон дер Лајен за новинарите по тие разговори, тврдејќи дека Унијата силно го поддржува европскиот пат на земјата.
На крајот на 2022 година, по шест години чекање, БиХ доби статус на земја кандидат за членство во Унијата, а во таа земја се надеваат дека би можеле да добијат одобрение за почеток на пристапните преговори до крајот на оваа година и покрај постојаните внатрешни спорови и блокади кои го забавуваат спроведувањето на реформите.
Во пресрет на пристигнувањето на Фон дер Лајен, Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ донесе резолуција со која ги повикува властите на ЕУ да започнат преговори за членство.
Фон дер Лајен рече дека Брисел сега очекува „силен напредок“ од Босна и Херцеговина во спроведувањето на 14 реформи и дека земјата не смее да си дозволи никакво назадување, особено во однос на владеењето на правото и основните слободи.
Таа посочи и дека новиот план за раст на Западен Балкан, вреден шест милијарди долари, е најдобар доказ за јасната поддршка на ЕУ за целиот регион, но распределбата на овие пари зависи и од спроведувањето на реформите, исто како што зависи и од тоа колку долго ќе продолжи да работи Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) со извршни овластувања во БиХ.
– Ова е уште еден поттик за сите да ја искористат оваа можност, рече таа и додаде дека шест милијарди евра поддршка, од кои две милијарди се грантови, не биле однапред распределени по земја, туку ќе бидат распределени „според заслугите“.
Планот за раст на Европската комисија за регионот значи отворање поголеми можности за поврзување на економиите и воспоставување отворен регионален пазар, кој веднаш може да го зголеми БДП во регионот за 10 проценти. Со поврзувањето на единствените пазари на регионот и ЕУ, оценува Брисел, економскиот раст на балканските држави би се удвоил во период од десет години.