НОВА ЕВРОПСКА НЕЗАВИСНОСТ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска на Светскиот економски форум во Давос порача дека Европа мора трајно да се промени и да изгради нова форма на независност во свет кој станува сè поподелен.

Фон дер Лајен потсети дека дијалогот, како основна идеја на првиот форум во Давос во 1971 година, денес е поважен од кога било.

  • „Геополитичките шокови можат и мора да станат можност за Европа. Сеизмичката промена низ која минуваме е неопходност за изградба на нова европска независност“, рече таа.

Таа оцени дека промените со кои се соочува светот се трајни и дека Европа не може да се врати на стариот поредок.

„Носталгијата нема да го врати минатото. Ако оваа промена е трајна, тогаш и Европа мора трајно да се промени“, нагласи Фон дер Лајен.

Осврнувајќи се на Гренланд, таа истакна дека ЕУ ги споделува безбедносните цели на САД на Арктикот, но предупреди дека дополнителните царини меѓу сојузници се грешка.

„Договор си е договор. Кога пријателите се ракуваат, тоа мора да значи нешто“, рече таа.

Фон дер Лајен најави дека одговорот на ЕУ ќе биде „непоколеблив, обединет и соодветен“, додавајќи дека Унијата подготвува пакет за поддршка на безбедноста на Арктикот, кој го гарантира суверенитетот на Гренланд и Данска.

Таа најави и нова европска безбедносна стратегија, која треба да биде објавена подоцна годинава, како и продлабочување на трговските партнерства со земји надвор од Европа, меѓу кои Индија, Меркосур и повеќе азиски држави.

„Европа секогаш ќе го избира светот, а светот е подготвен да ја избере Европа“, порача Фон дер Лајен.

Во однос на Украина, таа нагласи дека Европа ќе продолжи да стои зад Киев сè додека не се постигне праведен и траен мир.