Градежен напредок на автопатот Прилеп-Битола: Активности на 11,5 километри

Изградбата на автопатот Прилеп-Битола, дел од Коридорот 10д, напредува со засилено темпо. Делницата е долга околу 40 километри и е дел од проектот за изградба на четири автопатски правци што ги изведува американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски изврши теренска посета. Според информациите на терен, во моментов се работи на 11,5 километри од трасата, каде се изведуваат работи на 1 мост, 2 подпатника, 2 надпатника, 4 плочести и 22 цевасти пропусти.

автопатот Прилеп-Битола

660.000 кубици ископи, активни насипи и бетонски зафати

Во градежните активности се вклучени околу 700 работници и повеќе од 400 машини и механизација од изведувачот и подизведувачите. Извршени се приближно 660.000 кубни метри ископ и вградени се 350.000 кубици материјал за пополнување. Дополнително, произведени се 30.000 кубици бетон за објекти на трасата.

Започнати се земјени работи на дел од главната траса, расчистена е вегетацијата и е отстранет хумусниот слој, а на одредени делови веќе се гради насип. Поставен е и камп за сместување со капацитет за повеќе од 750 лица.

Работите на терен се прекинуваат на делови каде се откриваат стари експлозивни направи, а трае и археолошки надзор каде постои потенцијално културно наследство. Работите продолжуваат по добивање на соодветна потврда од надлежните институции.

Финансиската конструкција за оваа автопатска делница е проценета на 260 милиони евра, согласно студијата за оправданост, соопштија од претпријатието.

автопатот Прилеп-Битола