Автопатот Охрид Кичево со силна посветеност ќе се заврши при крајот на 2026 година согласно предвидените рокови, најави вицепремиерот Александар Николоски.

-Силно напредува изградбата на автопатот Охрид – Кичево.Свлечиштата на автопатот Охрид-Кичево, проблем кој ја блокираше целата изградба на автопатот, го решивме со најголемиот инженерски потфат во овој регион, со изградба на таканаречени Галерии.Со вкупно 14 галерии на цела траса создаваме безбеден автопат, автопат кој треба да биде сржта на економијата на западниот дел од земјата.

Во рамки на денешната обиколка на трасата на автопатот Охрид -Кичево, тие извршија увид и на клучката Требеништа која неодамна беше пуштена во употреба.

– Од оваа клучка Требеништа треба да оди потенцијално новиот автопат кој треба да води од Требеништа до Ќафасан и изградбата на оваа клучка е во функција на изградбата на потенцијално новиот автопат.  Доколку успееме да најдеме согласност со УНЕСКО кои ќе имаат мисија во јуни, а ќе ги  презентираат извештаите во месец јули,  од тука ќе почнува новиот автопат, така да изградбата на оваа клучка е доказ дека сакаме да го градиме овој автопат, а лентата кај што сме сега е новата летна за ГП Ќафасан – истакна вицепремиерот Николоски.

Тој додаде дека има два специфични делови, едниот дел од над Кичево до влезот во тунелите кај Пресека и кај селото Ботун.

– Кај Пресека имаме стабилизација на косини преку Галерии- најмодерно инженерско решение што може да се најде во моментов. Паралелно со тоа можеби и најголемиот проблем е кај селото Ботун. За жал до крај на 2024 година не биле изведени геотехнички истражувања. Тие истражување кои што ги направивме ние, ни дадоа дека се работи за земјиште со лош квалитет за голем инфраструктурен проект со многу вода и песоклив терен и за да се заштити тој терен ќе се изградат шест објекти кои влегуваат длабоко во земја до 21 метар или колку една осумкатница, односно сликовито кажано шест осумкатници ќе спуштиме во земја за да го заштитиме земјиштето- рече Николоски.