Нов стан од 50 квадратни метри во скопски Центар е продаден за 168.000 евра, односно по 3.360 евра за квадрат, што е највисоката регистрирана цена за стан од инвеститор во вториот квартал од годинава. Кај старите станови, највисоката цена е постигната во Охрид, каде за стан од 66 квадратни метри биле платени 211.200 евра, односно 3.200 евра за квадрат.
Од 1 април до 30 јуни во Регистарот на цени и закупнини биле евидентирани 8.369 трансакции, односно купопродажби и закупи, што е за 7,9 проценти повеќе во споредба со првиот квартал. Вкупната финансиска вредност на пазарот на недвижности достигнала 351,7 милиони евра, што претставува раст од 27,3 проценти.
Во вториот квартал биле регистрирани 977 продажби од инвеститори, од кои 943 станови и 34 куќи. Бројот на продадени новоградби е зголемен за 236, а само кај новоизградените станови е забележан раст од 231 продажба, односно 32 проценти. Во Катастарот досега се запишани и 28.352 листови за предбележување градба, што укажува дека голем број нови објекти се во изградба и наскоро ќе се појават на пазарот.
Во споредба со првиот квартал, бројот на продадени станови е зголемен за 37 проценти, а нивната вкупна вредност за 43 проценти. Продажбата на куќи пораснала за 13 проценти, со раст на вредноста од 22 проценти, додека кај земјоделското земјиште и шумите бројот на купопродажби е зголемен за 7 проценти, а вредноста за 14 проценти. Кај деловните простори бројот на продажби е поголем за 21 процент, но нивната вкупна вредност е намалена за 7 проценти.
Најголем раст на купопродажната вредност е забележан кај индустриските објекти, за 97 проценти, иако бројот на продажби е намален за 16 проценти. Кај градежното земјиште вредноста пораснала за 10 проценти, а бројот на продажби за 16 проценти. Продажбата на гаражи е зголемена за 34 проценти, а нивната вкупна вредност за 46 проценти.
Најмногу станови биле продадени во Општина Аеродром, вкупно 297, додека најмногу куќи биле продадени во Битола, 64. Во Центар биле продадени најмногу деловни простори, 33, а Куманово предничи кај продажбата на земјоделско земјиште и шуми со 79 трансакции и кај градежното земјиште со 45 купопродажби.
Во вториот квартал биле продадени недвижности со вкупна површина од 7.818.624 квадратни метри, за кои биле платени 21,56 милијарди денари.
