Во присуство на повеќе од 200 гости, вчера свечено беше отворен ресторанот „Ловен Дом“ во Берово, со нов изглед и ентериер. Голем број Беровчани носталгичари за култното место синоќа се собраа од сите краишта на Македонија, за да присуствуваат на отварањето на нивниот белег на младоста и убавиот живот, објави Малешнет.
Овој објект преставува нова свежина во градот, со прекрасен поглед на панорамата на Берово, кој претходно беше запуштен и оставен на времето.
-Беровци и Малешевци за овој објект сентиментално се врзани, а се надевам сега и сите во Македонија. Не беше така лесно да го оживиме овој простор, кој одреден период беше руиниран. Го гледавме со моите другари пред две години и решивме да се инвестира во него, така да денес гледате во каков модерен објект се наоѓаме. Се надеваме дека ќе имаме добра дружба како на времето и ќе помогнеме на локалниот економски развој на Берово и Малешевијата, бидејќи Берово е туристичкиот бисер на Македонија. Се надевам дека сите ќе бидете задоволни со ова нова свежина и квалитет во градот. Ние сме локал патриоти Беровци и Малешевци и велиме дека во градот малку не има, но затоа во дијаспората сме многу кои гледам оваа вечер се присутни на ова место – рече Боби Николов.
Беровчани се присетија на убавите моменти и спомени од ова место, од каде почнува да се шири културата, боемството и забавниот живот во Берово.
-Ловен дом Берово претставува едно посебно место во градот и мене ми претставува радост и задоволство што еве денеска имаме отварање на еден ваков објект. Ловниот дом во Берово беше култно место, мислам дека и понатаму ќе продолжи затоа што се случуваа многу настани, кои што беа од забавниот културниот и рекреативниот дел на граѓаните. Тука имаше и прошетки, имаше и забавен дел, но пред се дискотеките кои што беа многу познати којшто се одржуваа во овој дел на градот. Прекрасниот поглед, прекрасните доживувања што ги имавме како младинци и пред нас генерациите раскажуваат, се надевам дека и понатаму ќе продолжи ова место да живее и да биде момент во творештвото, во културата, во начинот на боемски живот во градот и дека ќе предизвикува и понатаму емоции кај сите граѓани. Ова е овој почеток, нека биде потсетување на старите мигови, но и нови моменти кои што ќе донесат радост за нашите сограѓани, но и за сите гости туристи и посетители на Општина Берово – рече Ѓорѓи Пеовски
Ова е историско место за Беровчани и едно од најголемите култни места од каде Берово го живее својот живот. Горан Реџовски кој својата младост ја поминал тука, се навраќа на убавите случки како гитаријади, седенки, диско забави, некогашните плави вечери, културни натпревари како и раѓањето на првите симпатии и љубов токму на ова место.
-Како да кажам Берово го живее својот живот откако настанал овој Ловен Дом. Генерациски наназад, почнувајќи од овој Ловен дом, позади Јуовец и бунгаловите, тука се одвивале најважните настани во Малешевијата, почнувајќи од журки, диско вечери, гитаријади, славење на Нова година, детски претстави и многу други настани и секоја од тие генерации зависно во кој стадиум бил Ловниот Дом, имало своја приказна. Тоа е поентата на ова место. Туака доаѓале луѓе од цела Европа од бивша Југославиа од секаде на најразлични манифестации кои дале многу голем допринос на ова место и на градот Берово – истакна Горан Реџовски.
Отворањето на „Ловен Дом“ ги врати Беровчани на убавите спокојни времиња, каде многу генерации ги поминале своите најубави денови. Беровчани се тесно поврзани за ова значајно место како туристича понуда, додека ова најнова приказна ќе остане во историјата на Беровци и Малешевци и во регионот.
-Ова е враќање на убавите спомени од прекрасните спокојни времиња, кога овде се родија многу љубови, многу симпатии и познатства. Ова не беше само туристички дел за Берово. Сите Беровчани и Малешевци, каде да се наоѓаа летото беа на Јувец на игранка, а овој објект не се знае само колку генерации ги имаат поминато своите најубави денови и дружења и настани. Едноставно тоа е враќање на преубави спомени од преубавите поминати времиња. Јас не сум човек кој го фали минатото а ја негира сегашносто, но овој објект беше запуштен одреден период и сега е пак во функција и му благодарам на газдата, каде со ова проширување објектот доби нова содржина и се надевам дека сите посетители не само ние Беровчани ќе ја препознаеме – истакна Гоце Здарвковски претседатело на Пензионерите од Берово
Инаку во раните двесетти години од минатиот век, неколку Беровчани почнале да ја создаваат парк шумата околу Берово, поточно на Јуовец. Продолжувајќи во педесетите години група на Беровци и Малешевци и група на ловџии ентузијасти, со самопридонес почнале да го градат овој објект кој потоа бил надградуван и прошируван. Ловниот дом кој остави трага на многу наши генерации, сега повторно е отворен во ново руво и амбиент со поглед на Берово, па да им се забалодариме на сопствениците што ни ја вратија убавата приказна, кога се славеше животот во Берово токму на ова место и им посакуваме среќа и успешна работа во иднина.