Министерката Шекеринска при посетата порача дека исто како што пред неколку години покажавме амбициозност за брзо зачленување во НАТО и видовме резултат, таква амбициозност покажуваме и за развојот на овој наш најголем воен полигон. Додаде дека кога самите инвестирате во сопствените капацитети , и сојузниците на подобар начин ви помагаат и ви се придружуваат.
-Нашиот полигон ’Криволак’ е претворен во вистинско градилиште. Од ’Криволак’ создаваме полигон кој нема да има само македонска и регионална вредност, туку ќе биде вредност и шанса за Алијансата. Сето тоа ќе беше невозможно без нашите планови, нашата Армија, но се разбира и без поддршката на нашите сојузници. Денеска сиве овие конструкции кои можете да ги видите се резултат на сојузничката работа, на македонските војници и офицери и на американските инженерци и сакам да и се заблагодарам на САД, но и на 15. инженериски баталјон на вооружените сили на САД, затоа што заедно со нас развиваат заеднички капацитет, рече министерката.
На „Криволак“ во моментов во завршна фаза на изградба е полетно – слетна патека за беспилотни летала, магацин за складирање на мети, две стрелишта за оклопни транспортери, едното со неподвижни, другото со подвижни мети, како и поправка и изградба на нова патна инфраструктура во вкупна должина од 62 километри. Шекеринска порача дека овие капацитети се наменети и за вежбата летово, но и при сите извежбувања во иднина.
-Сиве овие капацитети се капацитети кои што се градат за вежбата оваа година, ќе бидат ресурси и за секоја следна вежба. Во моментиве додека дискутираме за развојот на ’Криволак’ размислуваме не само за вежбата оваа или следната година, туку навистина размислуваме и дејствуваме долгорочно. Целта ни е овој ресурс да биде ресурс со кој што нашето членство во НАТО ќе покаже многу видливи резултати за сите сојузници и ќе донесе шанса и за локалната економија, ќе донесе шанса и за зголемување и засилување на нашиот имиџ како најнов член на Алијансата, додаде министерката.
Амбасадорката на САД, Брнз истакна дека е импресионирана од огромниот напредок кој го постигнаа инженерците од армиите на двете земји и воедно изрази благодарност до министерката Шекеринска за нејзините заложби за развој на овој полигон, не само како капацитет на Армијата, туку и на Алијансата.