Полицијата во Мексико четири дена трагала по 30-годишна жена користејќи фотографии што не одговарале на нејзиниот реален изглед. Станува збор за Гресија Гвадалупе Орантес Мендоза, која исчезнала на 12 април, а фотографиите преземени од социјалните мрежи биле толку обработени што истражителите и граѓаните практично барале „непостоечка“ личност.

Според локалните медиуми, потрагата се одвивала интензивно со помош на фотографии од Фејсбук, кои биле фотошопирани до непрепознатливост. Потрагата траела неколку дена, сè додека жената не се појавила жива и здрава.

Таа била пронајдена на патот што ги поврзува Окосокоаутла и Хикипилас, по што била предадена на надлежните институции за да даде изјава. Институциите информираат дека Мендоза моментално е под институционална грижа, но не откриваат детали за околностите под кои исчезнала.

Сè уште не е јасно како дошло до забуната. Не се знае дали полицијата самостојно ги презела фотографиите од социјалните мрежи или семејството ги доставило поради тоа што немало понови, реални фотографии.

Случајот отвора прашања за тоа колку обработените фотографии на интернет можат да ја отежнат работата на институциите, особено во ситуации кога секој детал е клучен.

Во меѓувреме, податоците за исчезнати лица во Мексико остануваат загрижувачки. Според Националниот регистар, само во 2025 година исчезнале речиси 30.000 жени, при што најголем дел од нив се на возраст меѓу 15 и 19 години.