Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ќе се повлечат од Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), со почеток од 1 мај, јави денеска државната новинска агенција ВАМ.
Одлуката следи по она што официјални лица го опишаа како „сеопфатна евалуација“, вклучувајќи го и разгледувањето на тековните „пречки“ во Заливот и Ормуската Теснина, пренесе ДПА. Објавата доаѓа еден ден пред закажаниот состанок на ОПЕК во Виена.
„Оваа одлука ја одразува долгорочната стратешка и економска визија на ОАЕ и еволуирачкиот енергетски профил, вклучувајќи ги забрзаните инвестиции во домашното производство на енергија, и ја засилува нејзината посветеност на одговорна, доверлива и напредна улога на глобалните енергетски пазари“, наведоа ОАЕ во соопштението пренесено од ВАМ.
Ваквиот потег доаѓа два месеци по почетокот на војната на САД и Израел против Иран, за време на која ОАЕ се соочија со големи напади со дронови и ракети од Техеран, вклучително и врз енергетската инфраструктура. Затворањето на Ормуската Теснина нагло ја ограничи способноста на земјата за извоз на нафта.
Приходите од нафта се основа на економскиот раст и геополитичкото влијание на ОАЕ уште од 1960-тите години. Иако пречките во Ормуската Теснина влијаат врз пратките, во соопштението на ОАЕ се забележува дека среднорочните и долгорочните трендови сè уште укажуваат на пораст на глобалната побарувачка за енергија.
