Второпласираната Франција нема да бара да биде победник на Евровизија без оглед на резултатот од тестот за наркотици на кој ќе се подложи пејачот на италијанската победничка група Менескин, Дамијано Давид.
Ова го изјави претседателката на Франс ТВ, Делфин Ернот, која објасни дека Франција сака да победи лојално, а не преку жалби.
– И покрај полемиките, Италија не ја украде својата победа на Евровизија. Франција, која се најде на второто место благодарение на перформансите на Барбара Прави, нема намера да поднесе претставка, вели Ернот.
Победата на италијанската група Менескин беше нарушена по обвинувањата против Дамиано Давид, пејачот на групата, дека консумирал дрога во текот на вечерта.