-Во овој момент е невозможно да се утврди точен датум, но, јасно е дека француското претседателство постојано ќе ја поддржува земјата“, рече францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер

Франција, која во наредните 6 месеци ќе претседава со Европската унија, уверува дека ќе го поддржува проширувањето. Но, тоа, според францускиот амбасадор, Сирил Бомгартнер кој во Собранието ги презентираше приоритетите на неговата земја, не значи и јасен временски период кога С. Македонија би ги почнала преговорите за членство – блокирани поради бугарското вето.

-Што се однесува до прашањето на проширувањето и отворање на преговорите за членство на С. Македонија, за оваа тема нема некој точно утврден рок, затоа што тој зависи од меѓувладината конференција која ќе го означи почетокот на преговорите. Во овој момент е невозможно да се утврди точен датум, но, јасно е дека француското претседателство постојано ќе ја поддржува земјата, рече Бомгартнер.

Брисел, преку својот амбасадор во Скопје, ги исцрта очекувањата од новата влада – реформи, напредок во разговорите со Бугарија, но и консолидирање на напорите кон европскиот пат.

-Важно е да видиме напредок во билатералното прашање со Бугарија и да видиме дека С. Македонија продолжува да напредува со реформите на својот европски пат. Консолидирање на патот кон Европската Унија. Со новата Влада, со новиот премиер очекуваме продолжување на реформскиот пат со уште поголем жар, почитување и јакнење на владеењето на правото и борбата против корупција“, истакна Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во С. Македонија.

На седницата на Советот за евроинтеграции учествуваше и Никола Димитров. Вицепремиерот за европски прашања, кој во изминатиот ден беше во центарот на вниманието поради прес-конференцијата на која изјави дека не си заминува од владата туку дека нема да биде дел од новиот кабинет зашто некому не му одговараат неговите ставови за спорот со Бугарија, ја повтори позицијата дека на примерот на С. Македонија „се крши“ кредибилитетот на Унијата на Балканот.

-Ние сме во ситуација на заеднички успех или заеднички неуспех. Македонскиот случај е најубедливиот, најдрастичниот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регионот на Западен Балкан. Тоа го кажа и самата Комисија во пакетот за проширување во октомври, тоа го кажуваат и официјални претставници на Франција. Затоа ако успееме, успехот ќе биде и на ЕУ, ќе биде добар за регионот, ќе биде добар за С. Македонија и за Бугарија. Неуспехот е исто така пораз и голем проблем за сите, вклучувајќи не и нас нашите комшии и самата ЕУ, рече Димитров.

По кусото обраќање на Димитров во кое тој не ги повтори изјавите што вчера ги изнесе, имаше реакција на опозицијата – го обвини вицепремиерот во заминување дека постапува неморално.

-Тоа што го спомена Димитров, дека е можен уште еден штетен договор со Бугарија, само потврдува дека Никола Димитров однапред знаел за подготовката на ваквиот можен следен штетен договор со Бугарија, но додека бил функционер во Владата молчел, а откако видел дека нема да биде член на Владата се решил да прозбори што е неморално, но во секој случај ризикот од ваквиот договор не го намалува, рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Вашингтон веќе му пренел на Париз дека е силно заинтересиран за што е можно поскоро отворање на пристапните преговори на С. Македонија. „Веќе зборувавме со Франција. Ставивме јасно до знаење дека ние веруваме дека членството во ЕУ за сите држави од Западниот Балкан е од суштинско значење за сите нас“, изјави заменик-помошникот државниот секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за „Гласот на Америка“ на македонски.