Влезот на социјалните платформи, како што се Инстаграм, ТикТок или Снепчет ќе биде блокиран за деца под 15 години, освен ако тоа не им го дозволат нивните родители. Казната со која ќе се соочат социјалните мрежи кои нема да вградат такво техничко решение ќе изнесува 1 процент од нивниот годишен приход. Според проценките, Инстаграм во 2022 година генерирал приход во висина од 51,4 милијарди долари.

Ова се елементите од новата француска легислатива со која првичната идеја за задолжителна верификација на возраста за влез на порносајтови ќе биде проширена и врз главните социјални мрежи.

Заштитата на децата во онлајн просторот е еден од политичките приоритети на официјален Париз.

Минатата година, Франција беше првата земја која побара од производителите на паметни телефони и таблети да им овозможат на родителите да го контролираат интернет-пристапот на своите деца. Во тек е и дебата за донесување законски решенија со кои ќе се зголеми заштитата на детските слики на интернет и ќе се ограничи времето поминато пред мониторите или екраните.